Крајот на една генерација политичари

Како во трилер-драма се случува разврската на последната нереформирана партија, со корени во комунизмот, во источна Европа. Таа може да продолжи да постои, но по епизодата која следи нема да биде ваква. Дваесетина години оваа партија е водена од ист човек. Такви ретки примери не може да се најдат во Европа. Такви примери има во јужна Америка и во некоја од арапските држави. Дваесетина години оваа партија споделува еден и ист, веќе прочитан, вредносен систем.

Таму не е значаен личниот квалитет, таму не е значајна добросостојбата на граѓаните, државните и уште помалку националните интереси, таму не се значајни ниту приватната сопственост или економскиот развој на државата. Во таа партија дваесетина години единствено значајни се личните кариери на тесен круг елитни деца на црвената буржоазија и прекуноќно богатење до безобразни размери на истиот тој круг луѓе. Така беше во Скопје, така беше во сите градови низ републиката.

Само луѓето што не ја потценуваат колективната интелегенција на македонскиот народ можеа да предвидат ваков неславен крај на лидерот на транзициската македонска левица. Многумина до ден-денес мислат дека тој е полн со идеи за манипулации и трикови, дека е полн со креативни концепти како од загубени натпревари да освои поени. Многумина мислеа дека тој политички с` уште е жив. Но, истите тие не можеа да сфатат и да прифатат дека македонскиот народ веќе создаде демократски потенцијал и чуство за конкуренција и плурализам. Нема такви штосови кои може да го покријат срамот, трагедиите и злоупотребите од последните дваесетина години.

Жално е што граѓаните ќе ја немаат директно можноста да му ја испорачаат пораката до него. Тој избега. Не остави шанса луѓето да му кажат што мислат за него. Но, нема да успее да се ослободи. Неговото наследство уште долги години ќе ги измачува припадниците на македонската левица. Ќе ги измачува и оние кои денес се дел од неговата екипа, но и оние кои лигаво, пасивно и профитерски си седеа отстрана и ја толерираа дводецениската злоупотреба која еден човек ја вршеше на една цела политичка и идеолошка концепција.

Да биде иронијата поголема. Тој нема да се натпреварува. Нема да оди на избори. Нема да се бори за поддршката од граѓаните. Нема да бара легитимитет за своите одлуки. Но, тоа ќе го прави неговата приватна партија. Тоа ќе го прават неговите приватни следбеници и послушници.

Нема демократска држава во светот во која претседателот на една партија нема да оди на избори за да добие широк граѓански легитимитет. Нема демократска држава во која еден човек сака да го има правото да одлучува за целата држава, ама испраќа други луѓе во негово име да бараат поддршка за таквата моќ. Тоа е можно само кај партии и луѓе кои с` уште за себе и кај себе немаат раскрстено со остатоците од претходниот систем. Само тогаш, водачите беа вечни и за нив никој немаше право да се сомнева. Само тогаш одлуките на партијата беа позначајни од ставот и мислењето на граѓаните.

Што ни се случува денес? Оваа иста лева партија во континуитет докажува дека ги потценува македонските граѓани. Потценувањето е толку големо колку што е голем обидот за измама. Ни претставуваат партиски послушници на лидерот, како нови имиња на политичката сцена. Ни претставуваат луѓе што ги знаеме со години, како свежа крв. Ни претставуваат луѓе кои имале шанса да се покажат, а не успеале, како нова надеж за Македонија. Врвна хипокризија!

Кандидат за премиер кој го доживеал најголемиот пораз во историјата на плурализмот во Македонија ни се нуди како ново лице на политичката сцена. Политичар кој деветнаесет години е верен поддржувач и гласен промотор на погубните транзициски политики ни се нуди како безгрешен кандидат. Луѓе аболицирани и луѓе фатени во извршување кривични дела ни се нудат како гаранција за спроведување на правната држава и правниот систем.

Ќе помине и оваа епизода, но ќе биде последна. Се гледа крајот на една цела генерација политичари. Жалам за сите оние искрени поддржувачи на левицата кои ќе мора повторно, по кој знае пат, да се соочат со поразот на својот политички пат. Но, треба да разберат дека за сопствениот пораз, колку што е виновен противникот, толку се виновни и тие сами.
Filed Under:
Колумни Датум на објавување Посети: 7465
Печати

ВМРО-ДПМНЕ

Општински Комитет - Велес

ул.8ми Септември б.б, 1400, Велес

Телефон: +389 43 612 102 

Факс: +389 43 612 102 

Email: 
ok-veles@vmro-dpmne.org.mk