Apr 07

Ќе се избира празна политика или резултати?

Потребата од одржување предвремени избори за пратеници е евидентна. Повеќето од релевантните партии, кои имаат суштинска репрезентативност на политичката сцена, очигледно се за одржување на овие избори.

Од друга страна, партиите што се против одржување на парламентарни избори и кои се обидуваа минатиот период да лобираат против оваа можност, немаат голем избор. Нивната застапеност во Собранието на Република Македонија е недоволна за да можат ефективно да се спротивстават, па оттука и очекувањата дека и тие на крајот ќе ја поддржат оваа иницијатива. Одлуката за распуштање на Собранието очигледно ќе биде едногласна.

Од друга страна, измените на Изборниот законик што се направија пред речиси еден месец даваат дополнителна гаранција за демократичноста на изборниот процес. При овие измени од страна на мнозинските партии беа прифатени сите предлози и забелешки што СДСМ ги имаше на текстот на законот. По малку се прогледа низ прсти на предлозите на опозицијата и се прифатија дури и нелогични и малку потценувачки предлози, како оној за обележување со мастило на гласачите, со цел да се гарантира демократичноста, но и да се извадат од ракав сите оправдувања и жалби што СДСМ може да ги смисли за своите изборни резултати. Сe' што сакаа им беше прифатено, сега ќе мора и тие да прифатат и да поздрават процес кој самите го дизајнирале.

Од друга страна, овие избори ќе бидат своевидна новост во изборните пракси во последните години. Иако Република Македонија во овие десетина години спроведе низа изборни циклуси, многу одамна не се случило да имаме поклопување на изборите за пратеници и на изборите за претседател на државата. Такво нешто се случи само во 1994 година кога Глигоров стана претседател, а коалицијата на СДСМ освои апсолутно мнозинство во македонскиот парламент. Бојкотот на изборите што го направи тогашното ВМРО-ДПМНЕ беше еден од најгрешните потези што која било партија го направила во демократската историја на Македонија. Дали беше договорен бојкот помеѓу тогашните водачи на СДСМ и ВМРО, Црвенковски и Георгиевски, или беше само политичка незрелост на вториот, е ирелевантно од денешна перспектива. Но последиците се еклатантни и далекосежни. Од тука учеството на СДСМ на овие избори и тоа под изменети правила во Изборниот законик, токму како што СДСМ сакаше, се гаранција дека Македонија полека ги учи лекциите.

Повеќето од параметрите за овие избори се веќе познати. Првите постави на двете политички партии се познати. Од една страна, имате политичари зад кои има конкретни дела и мерливи параметри за нивните постигнувања во политиката, а од друга, имате една старо-нова композиција на политичари кои потекнуваат од круговите и од кулоарите околу поранешниот претседател на СДСМ. Тоа граѓаните го гледаат и очигледно знаат добро да го измерат.

Познати се и кандидатите за претседател на Република Македонија. Едниот со докажан и поздравен мандат зад себе. Човек кој и досега има верификувана поддршка од граѓаните зад себе. Иванов со себе носи една нова слика на политичар кој својот авторитет го темели на личниот кредибилитет, скромноста и патриотизмот. Тој е избран во демократска постапка, во која учествуваа четворица кандидати, за него гласаа 1.300 делегати на Kонвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ и има огромен број потписи на граѓани зад својата кандидатура.

Од друга страна е Стево Пендаровски, активен фактор на политичката сцена долги години, но човек кој досега никогаш не излегол да го провери својот кредибилитет пред гласачите. Очигледно ја избирал полесната тактика, да биде дел од кабинетското раководење, а никогаш да не се изложи на проверка и отчет пред граѓаните. За жал, неговата кандидатура повторно започнува во тој стил, со деманти и самоисправки дали ќе се кандидира или не, со недоверба кон својот потенцијал, без широка и демократска процедура во својата партија, туку со сомнителна одлука на многу тесен круг од раководството и без поддршка од граѓани, туку единствено поддржан со потписи на триесетина пратеници.

Односот на албанскиот политички блок кон овие избори нема да е преголем новитет, но овој пат ќе е видлив и јасен. И на претходните претседателски избори албанските партии не се претргнаа да овозможат или да стимулираат учество на своите поддржувачи, но овој пат барем едната од двете најголеми ќе го прави тоа јавно и јасно. Логиката на континуиран притисок и промени во барањата исто така не е новитет, но почнува да станува предмет на сензибилизација на политичките односи, но, за жал, и на меѓуетничките. Секоја политичка партија има право да има свои политички намери и ставови, но во едно мултиетничко општество како нашето секоја партија има и обврска да се грижи за релевантноста и за прифатливоста на своите намери кај остатокот од граѓаните, кои, пред се`, не припаѓаат на истиот кампус. Играта со делегитимирање која било институција, а посебно на претседателската, не може и не смее да биде прифатена бидејќи е надвор од сите логики и е надвор од сите меѓусебни разбирања врз основа на кои досега е воспоставен дијалогот помеѓу различните политички партии и ентитети во Република Македонија.

Интересно ќе биде да се следи оваа кампања. Ќе видиме дали секоја партија ќе си зборува за своите приоритети или некоја од партиите ќе успее да зборува за приоритетите на гласачите. Ќе видиме дали оваа кампања ќе биде напаѓачка и агресивна или ќе биде пример за кампања во која партиите ќе се борат со својот кредибилитет и остварени дела. На крајот граѓаните ќе го дадат одговорот дали сакаат празна политика или сакаат конкретни резултати.

П.С. Жалам, но сe` почесто видни новинари и аналитичари од кампусот на СДСМ за овој народ тврдат дека е проста маса и дека нема капацитет да решава за себе. Тоа е срамно и ниско. Тоа ја поткопува државотворноста на овој народ. Овие самопрогласени величини не се малку и не го зборуваат тоа ретко или затскриено. Овие навреди станаа модел на размислување на цела една квазиелита на левичари во нашето општество, ги има во медиумите, на факултетите, во скапо платените невладини организации. Знам дека на овие избори граѓаните ќе одлучат разумно и правилно, а на овие првите ќе им покажат каде им е местото.

 Илија Димовски

 

 

Author: Super User Filed Under:
Колумни Датум на објавување Посети: 1691
Печати

ВМРО-ДПМНЕ

Општински Комитет - Велес

ул.8ми Септември б.б, 1400, Велес

Телефон: +389 43 612 102 

Факс: +389 43 612 102 

Email: 
ok-veles@vmro-dpmne.org.mk