Apr 07

СДСМ зборува за демократија, а не ја практикува

За да шириш демократија, треба да практикуваш демократија. За да кажуваш дека си демократ, тоа треба и да го докажуваш.

Во спротивно ќе е онаа народната, не гледај ме што правам, слушај ме што зборувам. Така некако овие денови СДСМ си го покажа вистинскиот лик. Без некој да ги присили или принуди, без некој да ги стави на испит или да ги принуди на завршен збор, сами влегоа во стапица. Партијата што неколку години целата своја платформа на политичко дејствување ја градеше на темата на демократија и слобода, успеа да ни покаже како партиите не смеат да практикуваат внатрепартиска политика и постапки. Партијата која зборува за демократија покажа дека не е готова да спроведе демократија ниту внатре во своите редови. За жал, тоа мора сериозно да се земе предвид за два дополнителни елемента.

Прво, СДСМ покажа, како и многу пати досега, дека нема кредибилитет. Покажа дека она што го зборува и не го мисли или барем не го практикува. Ова е сериозен удар кој сами си го зададоа, без никој да ги провоцира, што пак само по себе е повредно за анализа. Ако зборувате за демократија со години, и ако сте готови за таа демократија дури и да ја доведувате државата до критични линии, а кога сами треба да покажете демократија не го правите тоа, состојбата е јасна. Второ, оваа грешка на СДСМ може да се земе и како репер како оваа партија ја подразбира демократијата и како би ја практикувала. Сите што навистина верувале во празните зборови на СДСМ за слобода и демократија, сега имаат сериозен повод да ги преиспитаат своите ставови.

Изборот на кандидат за претседател на Република Македонија од редовите на СДСМ ја покажа целата суштина на нивниот начин на размислување и работа. Покажаа дека не се променети, не во споредба со минатите години, туку, за жал, ниту во споредба со минатите децении. Ај тоа што за целата постапка за избор на кандидат за најзначајната функција во државата воопшто не ја информираа јавноста, но пак и демантираа вести и се расправаа со медиуми за информации кои само по еден ден излегуваа вистинити. Највисокото раководство на СДСМ, заедно со нивниот кандидат за претседател на Република Македонија, ја потврди веста за тоа дека токму Стево Пендаровски ќе биде нивен кандидат, но тоа го сторија многу пред за тоа да расправа или да одлучува кое било партиско тело. По она што малку го знаеме, Извршниот одбор и Централниот одбор на СДСМ донесуваа одлуки многу подоцна од моментот кога СДСМ и Пендаровски ја потврдија кандидатурата. А Kонгресот дури по неколку дена. На јавноста ~ беше кажано дека во целата постапка имало 26 кандидати од кои 8 се пласирале во потесен круг, но никој не разбра кои се тие. Ќе беше добро јавноста да ги слушне имињата за да знае да процени каков кадровски капацитет има СДСМ и во која конкуренција Пендаровски бил најдобар. Тоа секако, ако воопшто имало противкандидати и ако воопшто имало процедура за избор на кандидат, зошто ако имало воопшто не би било проблем, напротив би било предност јавноста да ги дознае овие демократски детали.

Kонгресот на СДСМ си беше комедична приказна сама за себе. Kако во старите добри времиња, еден кандидат за едно место. Нема што другите да одлучуваат кога веќе е одлучено. Kако во Северна Kореја, без можности и без изненадувања. Стабилно и мирно. Помисливме дека малку е срамно на гласачко ливче да има еден кандидат, си велиме како ќе заокружуваат луѓево што се делегати на Kонгресот на СДСМ, кога оттаму ново изненадување, нема гласање, со акламација избирале. Да не на некој му се згреши, па да не гласа за едниот и единствен кандидат. Неверојатно, но вистинито. Македонија е повеќе од дваесетина години демократија, а партиите треба да се носители на таа демократија. Но тоа за СДСМ не важи. Таму ќе си прават така како што си правеле со децении, со проверени луѓе во проверени чекори, без можност мнозинството да си каже мислење, па макар тоа да е ваше партиско мнозинство и дури и да го потврди она мислење на врхушката во партијата.

Kој сега ќе зборува за демократија? Шеќеринска или Заев? Или можеби Пендаровски кој самиот дозволил да биде избран во ваква постапка? Нема ли малку да се грчи кога ќе ни зборува за демократските институции и процедури во целата држава, а тој самиот дозволи да биде избиран спротивно на нив?

Можеби повторно, по стоти пат, ќе се појават скапо платените невладини организации на Сорос и нивните скапо платени шефови, за да ни зборуваат за демократијата, па дури и да н` учат? Ете им добра можност. Ем парите ќе си ги трошат за себе ем ќе си ги подучат своите. Нема потреба да држат говоранции пред Собрание, да организираат партиски маршеви, ниту да глумат неопределени. Сега е време да спремат еден богат проект и да почнат едукација за демократија кај своите, во СДСМ. Ем ќе се разбираат, ем нема да се расправаа, ем никој нема да ги прашува за тоа колку пари добиваат за чудните проекти.

За жал, СДСМ е партија која е полна со недоверба прво во себе, па потоа во граѓаните на Македонија. Така размислуваат сите тие. Земете ги текстовите на нивните новинари има да се изначитате колку народов ни бил проста маса, колку не знаел што му било значајно, колку бил лесен итн. Земете читајте ги колумните или преписките на социјалните мрежи на нивните знаменосци во невладиниот сектор, ќе го видите истото, само полно со дрски навреди и омаловажувања за граѓаните, полно со стереотипи и поделби. Де не им чинат пензионерите зошто се нафатиле да добиваат за шеесетина проценти поголема пензија, де не им чинат младите зошто сега студираат за мали партиципации од 200 евра, а претходно студирале и за 2.000 евра, де не им чинат земјоделците зошто не ги враќаат субвенциите, де не им чинат армијата и полицијата зошто условите во кои работат денес им се далеку подобри од претходно, де не им чинат уметниците зошто државата за прв пат после децении покажа грижа за нив и така во ред. На крајот видете и што самите водачи на СДСМ велат за своите луѓе, дека грешеле кога одлучувале. Демек, тие пет души подобро мислеле од сите граѓани на Македонија.

Е, не е така. Граѓаните и повеќе и подобро размислуваат и постапуваат за својата држава. СДСМ го има изгубено компасот и тешко дека наскоро, со вакви размислувања, ќе успее да си го најде.

Илија Димовски

Author: Super User Filed Under:
Колумни Датум на објавување Посети: 1649
Печати

ВМРО-ДПМНЕ

Општински Комитет - Велес

ул.8ми Септември б.б, 1400, Велес

Телефон: +389 43 612 102 

Факс: +389 43 612 102 

Email: 
ok-veles@vmro-dpmne.org.mk