Apr 07

Отчет наместо празна реторика

Да се даде отчет за сработеното пред граѓаните е доказ за високата демократска свест, доказ за степенот на лична одговорност, кој политичарите го чувствуваат спрема граѓаните.

Давањето отчет значи спремност да ја поставиш целата своја работа пред очите на граѓаните, со реални и мерливи параметри, со рационални показатели да дозволиш секој граѓанин да донесе лична и сопствена оценка. Во давањето отчет нема демагогија, нема празни митингашки говори, нема политички флоскули и оправдувања, во давањето отчет има само бројки и рационални показатели за сè она што си ветил и си направил.

Република Македонија полека се привикнува на модерните европски стандарди на водење политика. Политичките партии, барем дел од нив, разбираат дека постојат за граѓаните и разбираат дека дејствуваат за да ги остварат ветувањата кои ги дале спрема граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ е прва, но, за жал, и единствена политичка партија, која со својата Kоалиција за подобра Македонија, презентира пред граѓаните „Отчет“ за својата досегашна работа. На овој начин, партијата сама се става на детален увид пред граѓаните, за секое поединечно ветување дава видлив и мерлив материјал, кој може да биде ценет, мерен, анализиран и критикуван ако има основа. ВМРО-ДПМНЕ покажа дека нема намера да се крие зад големи зборови со малку значење, дека нема намера да глуми големина, а да не си ги завршува обврските што ги презела, ВМРО-ДПМНЕ покажа дека нема намера да ги обвинува другите за својата работа. На овој начин граѓаните ќе знаат да проценат и да измерат колку е сработено и колку вредел дадениот збор.

Отчетот на ВМРО-ДПМНЕ е природен след на програмите што партијата ги презентира пред секои избори. Во прграмите на ВМРО-ДПМНЕ никогаш немало лажни ветувања, никогаш немало нереални проекти и проекти што не можат да се реализираат. Напротив, во програмите на ВМРО-ДПМНЕ и Kоалицијата за подобра Македонија секогаш имало јасни, мерливи проекти, за кои секогаш имало рокови на исполнување, секогаш имало план и динамика и предвиден начин на обезбедување финансиски средства за нивна реализација. Ако денес кој било граѓанин најде време (а треба да го направи тоа), земе и на интернет ги разлиста програмата на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори во 2011 година и „Отчетот“, кој сега беше презентиран, ќе разбере дека за секоја една работа што била ветена има отчет, дали е реализирана и до кој степен е нејзината реализација.

Пред оваа политичка гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ да го преземе кормилото на партијата, а потоа и на државата, политичките партии работеа многу различно. На избори никогаш не можевме да видиме програма, а за отчет и отчетност никој не ни се осмелуваше да постави прашање. Изборните кампањи се сведуваа на празни реторики чија единствена мерка не беше содржината на кажаното, туку стилот на кој е кажано. Навредите, нападите, манипулациите и лажните ветувања беа единствено нешто што граѓаните можеа да го видат и чујат. За жал и денес, кај остатокот на политичките партии е исто. Не успеаја да видат дека имаат одговорност пред граѓаните. Не успеаја да сознаат дека дадениот збор треба да има вредност. Сè уште има политичари и партии што мислат дека граѓаните имаат кратко паметење и оти е дозволено да им се вети што било. Денес има партии, кои се сметаа за значајни и големи, а кои не успеваат да имаат изграден и непроменлив став дури и за клучните прашања што ја мачат Република Македонија.

Ако една партија како СДСМ секои шест месеци го менува својот став за прашањето за името, како може да ~ се верува дека она кое токму сега го говори нема да го промени во наредните шест месеци. Прво беа за двојна формула, потоа кажаа дека би прифатиле политичка одредница, па го сменија својот став и кажаа дека и географска одредница за нив би била прифатлива. Потоа на едни избори кажаа дека ќе го решат проблемот за шест месеци (но не кажаа како, планираа веројатно далеку од очите на јавноста да го направат тоа), па на други избори кажаа дека мораме да ја свиткаме кичмата и да попуштиме. Еднаш беа против одржување референдум на кој граѓаните сами би одлучиле, потоа кажаа дека се за референдум, за сега повторно да ни кажуваат дека овој проблем мора да се реши далеку од очите на јавноста. Еднаш велеа дека мораме да го заштитиме националниот идентитет, па потоа велеа дека Македонија има двонационален идентитет, за сега да нè убедуваат дека идентитетот ни бил заштитен (како сите ние да не читаме што за тоа говорат официјалните лица на соседна Грција). Еднаш СДСМ вели дека Грција е крива за овој проблем, друг пат вели дека Македонија е крива.

Е, како да им се верува на овие луѓе кога не успеваат да имаат сериозен став за најсериозното прашање. Што остана за другите работи. Ветија во 2002 година дека ќе вработат по еден член од секое семејство и не исполнија, напротив избркаа по еден. Ветија во 2002 година дека ќе има поврат на ДДВ и заборавија на своето ветување, а денес без срам повторно го ветуваат истото за кое веќе еднаш излажале. Ветија дека ќе инвестираат во инфраструктурата, а немаа направено ниту еден пат, водовод или училиште. Ветија дека ќе ги зголемат пензиите, а ги намалија. Ветија поддршка за земјоделците, а ги укинаа субвенциите.

Затоа СДСМ нема ниту програма ниту отчет. Нема што да напишат, а тоа да биде сериозно и издржано. Ќе треба сами да си ги набројат сите лажни ветувања, а потоа пак да си ги стават во нова програма. Не разбраа дека народот памети и мери. Мислат дека со манипулации, лаги, ниски удари ќе успеат да добијат поддршка. Нема да е така, зошто граѓаните денес може да измерат кој работи, а кој не, можат да измерат зад кого има конкретни дела, а зад кого не, може да знаат кој се грижи за својот збор, а кој не.

                                                                                                               Илија Димовски 

Author: Super User Filed Under:
Колумни Датум на објавување Посети: 1622
Печати

ВМРО-ДПМНЕ

Општински Комитет - Велес

ул.8ми Септември б.б, 1400, Велес

Телефон: +389 43 612 102 

Факс: +389 43 612 102 

Email: 
ok-veles@vmro-dpmne.org.mk