Во СДСМ секој бега од секого

Веќе ни се познати позициите, луѓето и ставовите со кои партиите ќе настапат на овие избори. Без многу изненадувања помина минатиот период, барем за тие што добро ги следат сцената и склоностите на партиите во нивните стратегии.

 

СДСМ некако се обиде да создаде слика дека оди со нов тим и нови луѓе на овие избори, но тоа, едноставно, не е така. А зошто не е така?

Прво, ниту еден од носителите на листи на СДСМ не е нов на политичката сцена. Станува збор за луѓе што долги, навистина долги години се високи функционери на СДСМ, соработници на Црвенковски, досегашни пратеници или луѓе што беа кандидати на повеќе досега изгубени избори за СДСМ. За тоа медиумите нашироко даваа информации во минатиот период.

Второ, понудата на СДСМ на овие избори е комбинирана. Раководството на СДСМ не е на листата, но самите тврдат дека токму тие ќе ја составуваат новата влада ако СДСМ победи на овие избори. Значи раководството не е повлечено, туку има намера да ги добие најзначајните извршни позиции во Македонија. Заев си се промовира за премиер, а другите од раководството за министри. Значи се натпреваруваат за политички позиции без да се изложат на ризик за тоа директно за нив да одлучуваат граѓаните.

Трето, ова не е прв обид на СДСМ да направи ваква тактика на избори. Ова е реплика на минатите парламентарни избори, кога Црвенковски беше претседател на партијата, но не беше кандидат за премиер, ниту за пратеник. Тогаш понудата на СДСМ беше дека ако добијат поддршка, Владата ќе биде составена од Шекеринска, Зоран Јовановски и Стево Пендаровски (е и тој не е нов во СДСМ). Веќе видена стратегија на нивната партија. Без многу креативност е копиран и малку модификуван модел, кој некој пред нив го применил. Дали тоа го прават за да се заштитат себе од внатрепартиската одговорност, како што анализира јавноста, или станува збор за обиде да се привлече некој неопределен гласач, како што сакаат од СДСМ да објаснат, ќе погледнеме во постизборниот период.

Четврто, Пендаровски не е нов на сцената. Kако што погоре спомнав, тој на минатите парламентарни избори беше понуден од СДСМ за член на новата, евентуално нивна влада. За среќа, јавноста го памети тоа. Но и претходно, како советник на Црвенковски и претседател на ДИK многу прописно и посветено одработуваше за политичката агенда на СДСМ (која, за жал, за Македонија беше погубна).

Што значат сите чудни и неприфатливи постапки на СДСМ. Очигледно е дека и самите се свесни за својата непопуларност помеѓу гласачите, па се принуден ида се повлекуваат од соочување со нив. Таа порака ја разбраа и многу членови на СДСМ, па така се случи дваесетина проверени кадри на СДСМ што добија шанса да бидат кандидати за пратеници да се повлечат од листите. Знаат дека ова не добитничка рунда за СДСМ. Ако може врвни луѓе од СДСМ што беа ставени на листите да се повлекуваат и да не веруваат дека СДСМ може да победи, замислете што за тоа мислат обичните членови на нивната партија. Дополнително, нема човек од СДСМ што не би сакал да биде на листа со пратеници или, уште повеќе, да ја води таа листа ако знае или барем се надева дека токму таа листа ќе ја победи ВМРО-ДПМНЕ. Тоа би било природно. Не верувам дека Шекеринска, Заев или друг од раководството на СДСМ немаше да сака да го победат Груевски ако имаше барем мала надеж да го направат тоа. Тие знаат какви ќе бидат резултатите и затоа одлучија да се повлечат од сигурниот пораз што им следува.

Од друга страна, кандидатот за претседател на СДСМ се дистанцира од с` што може да биде поврзано со СДСМ. Не употребува симболи на СДСМ, околу него нема видни личности од СДСМ, го нема раководството на партијата чиј кандидат е, ниту пратениците во Собранието кои формално го предложија да биде тоа што е. Kомедија. Тој самиот со своите постапки покажува дека партијата што го предложила не ја бива.

Секој од секого се дистанцира. Листите се дистанцираат од раководството. Раководството се дистанцира од гласачите. Kандидатот за претседател се дистанцира од партијата. Партијата се дистанцира од својата историја и политичка одговорност. А сите заедно се дистанцираат од сопствениот кредибилитет и одлуки што ги носеле во минатото.

Вака ли ќе ја водат државата ако победат, како раштиман оркестар, во кој секој од секого се дистанцира. СДСМ ли ќе победи или здружение на граѓани почитувачи на делото на СДСМ. Заев ќе биде премиер како кандидат на СДСМ, но не сака да се изложи на избори. Заев сака да биде политички октроиран без да истрча на терен и да разбере што за него мислат граѓаните.

Во демократија, за која многу зборуваат, но не ја разбираат, политичките функции се добиваат на избори. Не добиваат согласност во својата партија, туку за тоа треба да гласаат граѓаните.

СДСМ се обиде да употреби маркетиншки трик и да ги прелаже граѓаните дека нешто се менува во нивните редови, а не е така. Сe' е исто како и во минатото. На овие избори граѓаните во огромен број ќе го казнат СДСМ токму и поради оваа стратегија во чија длабочина се гледа огромна неискреност и измама, уште пред да дојдат на власт. Тоа граѓаните знаат да го видат.

 

Илија Димовски

 

 

 

 

Filed Under:
Колумни Датум на објавување Посети: 1793
Печати

ВМРО-ДПМНЕ

Општински Комитет - Велес

ул.8ми Септември б.б, 1400, Велес

Телефон: +389 43 612 102 

Факс: +389 43 612 102 

Email: 
ok-veles@vmro-dpmne.org.mk