Колев: нашата работа е работа за овој град, за оваа земја, а цврсто верувам во изреката дека „ако за својата земја не е дадено се’ - тогаш е дадено премалку“

Мугри: Господине Колев, од септември 2013 година вие сте претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Велес.

 

Што е она што велешани треба да го очекуваат од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Велес, под Ваше раководство?

Колев: Со промената во кадровската структура во ВМРО-ДПМНЕ ОК Велес, всушност најмногу се променија имињата, политиката и нашата одлучност за решавање на проблемите на граѓаните, како и настојувањето на одржување на постојана блискост и непосредност со народот, се се’ уште наши главни цели. Чест и гордост ми беше да ја прифатам новата функција, на која за свои претходници имав луѓе кои со својата работа и постигнувања се втемелија себеси во историјата на Општинскиот комитет, како чесни, вредни и посветени луѓе, секогаш подготвени да ги стават потребите на граѓаните пред своите. Тие принципи ќе се обидам да ги практикувам и јас, иако пречката која тие ја поставија во стандадрите на работењето е поставена навистина високо, ќе се обидам во мојот мандат да ја достигнам, па дури и да ја надминам. Остануваме посветени на нашите одредници, да го подобриме животот на граѓаните, да придонесеме во  подигување на стандардот на нашите сограѓани како во материјална, така и во духовна смисла, да придонесуваме за негување на семејните и традиционалните вредности, но пред се да бидеме тука за секој кој од од нас ќе има некаква потреба.

Мугри: Формиравте и нов Општински комитет, како би го коментирале новиот состав на Општинскиот комитет и што очекувате од неговата работа?

Колев: Новиот Општински комитет е нешто со што посебно се гордеам, зашто за свои најблиски соработници имам луѓе кои се наши примерни сограѓани, секој истакнат во својата област на дејствување, луѓе кои треба да бидат двигател на ВМРО-ДПМНЕ во Велес. Очекувам подготвеност кај секој од членовите на Општинскиот комитет, но и од поширокото членство, секој, согласно своите можност и и капацитети, да се стави во функција на интересите на партијата, да се заложи за подобра сегашност и подобра иднина, за себе, за своите сограѓани, но пред се’ за идните поколенија. Очекувам напорна работа, зашто нашата работа е работа за овој град, за оваа земја, а цврсто верувам во изреката дека „ако за својата земја не е дадено се’ - тогаш е дадено премалку“. Очекувам чесност и искреност од секого во партијата и не сум подготвен да толерирам никого кој нема да се придржува на тие начела. Сигурен сум дека овој тим кој стои зад мене е тим створен за големи дела и дека тие големи дела му престојат на Велес.

Мугри: Воведовте јавно конкурирање за претседатели и членови на партиските комисии, како сте задоволен од новата пракса.

Колев: Како човек верувам дека секој затворен систем е склон на изумирање, токму затоа и ВМРО-ДПМНЕ е партија која е отворена кон граѓаните, таа е дел од граѓаните. Партиските комисии се тела кои се значаен фактор во креирањето на политиките на партијата и тоа на оние политики кои најмногу им значат на граѓаните. Образованието, економијата, градежништвото, правната легислатива, културата и останатите гранки се дел од секојдневието на граѓаните и ние не смееме, но и не сакаме да ги оставиме граѓаните кои не се наши членови, без можност да бидат слушнати и нивните мислења. На крајот, зар демократијата не значеше можност граѓаните да бидат оние кои ќе ги креираат политиките. Токму затоа воведовме можност секој кој смета дека има капацитет да придонесе во некоја од партиските комисии, и кој се согласува со начелата и партиските одредници да аплицира за место во соодветната комисија, или за нејзин претседател, дури и ако не е член на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е само уште еден пример дека ВМРО-ДПМНЕ одамна ги надмина своите теснопартиски интереси, полека но сигурно од партија се трансформира во движење.

Мугри: Вие сте и претседател на Општинскиот совет, како ќе ја коментирате работата на новиот состав на советот?

Колев: По победата на ВМРО-ДПМНЕ на Локалните избори во 2013-та година, ја преземав функцијата Претседател на Советот на Општина Велес, која со гордост ја извршувам. Чест ми е што ја имам привилегијата да бидам прев меѓу еднаквите на Совет кој важи за еден од најактивните, на едно тело кое во изминатиот период донесе толку корисни одлуки за Велес. Би ја издвоил само како пример одлуката со која го променивме Деталниот урбанистички план со кој засекогаш ја избришавме Топилницата од картата на Велес, засекогаш ослободувајќи ги нашите сограѓани од тивкиот убиец на нашата иднина. Исто толку горд сум и на одлуката за формирањето на индустриската зона Караслари во која наскоро ќе никне индустрискиот гигант „MarquardtGmbH”.

Мугри: Познат сте како еден од идолозите на Форумот на ВМРО-ДПМНЕ, натпартиското советодавно тело кое минатата година се формираше во Велес, како ја оценувате неговата досегашна работа?

Колев: Формирањето на Форумот на ВМРО-ДПМНЕ е проект со кој се гордеам. Секако тоа не е исклучиво моја заслуга, зад формирањето на едно така големо и значајно тело како што е Форумот, стои еден цел тим на луѓе со широка и креативна мисла. Од денешен аспект, по околу една година од формирањето на Форумот согледувам колку голема работа е направена и колку голема придобивка е формирањето на ова тело. Составено е од повеќе сектори и од врвни и докажани професионалци од различни области, од луѓе со искуство и сериозност. Тоа е едно натпартиско тело во кое не членуваат само членови туку и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ и тело кое воопшто не е затворено, туку тело кое постојано расте и се надградува. Досега Форумот имаше неколку активности, но сметам дека најдоброто од него допрва доаѓа.

Мугри: Покрај обврските во Советот и во партијата, вие сте и постојано отворен за средби со граѓаните, за што најчесто разговараат граѓаните со Вас?

Колев: Политиката е јавна работа и едноставно не можете да бидете политичар, а за вашата работа да не говорите јавно. Не затоа што политиката се повикува на популизам, туку затоа што политичарот, барем онака како што јас го разбирам, е и мора да биде сервис на граѓаните. Современиот политичар, политичарот на иднината е човек кој се става себеси во служба на граѓаните, ги застапува и работи за интересите на граѓаните, па затоа и мора да биде во постојан дослух со нив. Ова мое поимање на политиката, едноставно ми наложува да продолжам, па и да ја интензивирам мојата пракса на постојани средби со моите сограѓани, за кои настојувам да одвојам време секогаш кога тоа го дозволуваат моите обврски. Како претседател на Советот, но и на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, чувствувам обврска кон сите граѓани и оние кои ни ја дале довербата, но и кон оние кои со скептицизам гледаат на нашите политики, да излезам во пресрет и да помогнам заеднички да дојдеме до посакуваното, зашто политичката определба е минорна, на крајот важно е сите да сме луѓе. Гледам дека луѓето го согледуваат тоа, велешани сфаќаат дека ВМРО-ДПМНЕ не ги дели граѓаните на леви десни, на подобни и неподобни и оние кои се обраќаат кај мене не зборуваат за своите политички ставови, туку за своите проблеми кои треба да се решат. Најчесто проблем е невработеноста и токму затоа ВМРО-ДПМНЕ, на чело со премиерот Никола Груевски, направи толку многу напори за инвестирање во Велес, со цел да се врати стариот сјај на градот и насмевката на лицата на велешани. За останатите проблеми, од комунална и друга природа, ги решаваме заедно со Градоначалникот Чадиев, кој со експлозивниот старт на својот мандат најави дека има сериозна намера да реши што е можно поголем дел од проблемите на градот уште во својот прв мандат.

Лисица: Ни претстојат претседателски избори, како ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Велес се подготвува за нив?

Колев: ВМРО-ДПМНЕ е партија која од останатите политички опции во земјава се издвојува по својата ангажираност, работливост и отчетност. Функционерите на партијата, но и сите нејзини тела и структури, напорно и посветено работат на она што е ветено пред граѓаните за време на избори, во текот на целиот меѓуизборен период, а не само тогаш кога се вклучени камерите и кога вниманието на јавноста е свртено кон политичката сцена. Таа разлика меѓу нас и останатите, прави ВМРО-ДПМНЕ секогаш да биде подготвена за избори. Ние не се плашиме од соочување со граѓаните зашто и никогаш не сме се одвоиле од нив, ние сме секогаш со народот, меѓу народот, зашто она што го работиме го работиме за нив. Народот тоа го знае, и тоа го цени, па изминатите седум изборни победи доволно говорат за тоа колку сме успешни во она што го работиме.

 

Filed Under:
Колумни Датум на објавување Посети: 1731
Печати

ВМРО-ДПМНЕ

Општински Комитет - Велес

ул.8ми Септември б.б, 1400, Велес

Телефон: +389 43 612 102 

Факс: +389 43 612 102 

Email: 
ok-veles@vmro-dpmne.org.mk