Jun 09

ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА НА ВМРО-ДПМНЕ ОК ВЕЛЕС ЗА ХАОСОТ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО ВО ОПШТИНАТА

Почитувани сограѓани, за учениците помина уште една учебна година. Оваа учебна година ќе остане уште долго запаметена како една од најцрните години за образовниот систем, бидејќи знаете дека учебната година завршува на 31,08, а градоначалникот заедно со своите советници, покрај сите промашувања кои ги направи во тековната година, спрема и ново изненадување за граѓаните на општина Велес.

ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија смета дека покрај целата наметната медиумска едностраност и темнина, граѓаните мораат да бидат запознати со она што се случува во образовниот систем и со она што градоначалникот планира да го направи.

Имено, на наредната седница на советот на општина Велес која е закажана за во понеделник, како една од точките на дневен ред е иницијатива за рационализација на училиштата.

Тоа во превод значи следново:
1. Спојување на општинските основни училишта Благој Кирков, Јордан Хаџиконстантинов Џинот и Стојан Бурчевски Буридан
2. Припојување на ООУ Рајко Жинсифов од с.Горно Оризари кон некое од останатите училишта во градот.
Тоа почитувани сограѓани значи дека со спојувањето на првите три училишта, ќе згаснат два правни субјекти кои функционираат повеќе од 50 години, функционираат за добробит на учениците и прават кадри кои ќе бидат носители на општествениот живот. Со самото згаснување, тековно ќе се појави огромен вишок на наставен и административен кадар, и контролата која ќе падне под новиот правен субјект ќе биде речиси невозможно да се прави. Предвидено е затварање на подрачните училишта во Башино Село, Отовица и Сујаклари. Со самото тоа 6 годишните дечиња од тие села ќе треба да стануваат порано за да стасаат на училиште.

Како можете г-дине Коцевски да направите такво нешто? Од една страна сте предвиделе во Вашата програма реконструкција на училиштата во тие места, а од друга страна ќе ги затварате. Од една страна велите дека ќе штедите, а со превозот на децата секојдневно ќе трупате нови трошоци. Коцевски... Дали вие знаете што значи да се затвори училиште во рурална средина? Тоа значи крај на надежта во една заедница. Погубните политики во однос на младите кај вас во континуитет продолжуваат. Ќе треба да им објасните на граѓаните кои ве поддржаа дека вие или сте биле збунети во текот на кампањата кога сте ветувале реконструкции или воопшто не ве интересираат нивните проблеми.

Во с. Горно Оризари живее најбројното малцинство на територијата на општина Велес, бошњаците. ООУ Рајко Жинзифов е единствено основно училиште во Македонија каде наставата се одвива на бошњачки јазик. Со неговото затварање како правен субјект ќе згасне и правото на образование на тие деца да учат на сопствениот мајчин јазик. Вие како градоначалник што благодарение на нивните гласови станавте тоа што сте, дали мислите дека така треба да им се возврати на тие граѓани? Дали мислите дека тоа е најсоодветно решение? Наместо да побарате ова училиште да биде заштитено како училиште со посебен карактер, вие се дрзнувате да го затворите. Ќе навлечете гнев господине Коцевски и ништо повеќе од тоа.

Ве повикуваме да надвладее разумот бидејќи еден ваш ваков експеримент не помина баш најдобро. Оставете ги децата да си учат и да си имаат безгрижно детство, оставете ги рурални средини да си функционираат како и до сега бидејќи со овие ваши потези ќе направите само пустош по нив.

Датум на објавување
Печати

ВМРО-ДПМНЕ

Општински Комитет - Велес

ул.8ми Септември б.б, 1400, Велес

Телефон: +389 43 612 102 

Факс: +389 43 612 102 

Email: 
ok-veles@vmro-dpmne.org.mk